Топ ракометни трансфери: Душебајев е број 1, зад него Лазаров, Манасков…

Заминувањето на Алекс Душебајев од Вардар и неговата преселба во редовите на Кјелце е ракометен трансфер број 1 во пресрет на новата сезона во ЛШ, во ранг-листата објавена денеска од страна на официјалната веб страница на елитното европско клупско ракометно натпреварување. Шпанскиот десен бек беше меѓу најзаслужните за историската прва европска круна на Вардар, но тој уште пред една година ја договори преселбата во Полска, во клубот каде тренер е неговиот татко Талант.

„Тој беше најдобар стрелец на Вардар во ЛШ, ги водеше Македонците до титулата во СЕХА и се разви во лидер на шпанскиот национален тим. А планот за кариерта му беше беспрекорен – кога цела Европа го бараше тој замина во Вардар за да се развие… и детето стана маж. Во 2019 година целото семејство Душебајев ќе биде заедно, откако Дани ќе им се приклучи откако ќе ја мине ракометната школа во Целје“ – се вели во текстот на официјалната веб-страница на ЛШ, фалејќи ги ракометните квалитети на Душебајев.

На второто место се наоѓа трансферот на Сандер Сагосен во Пари сен Жермен, пред Блаж Јанц и неговото заминување од Целје во Кјелце. Топ 5 трансферите во пресрет на новата сезона ги комплетираат нашиот Кире Лазаров со преселбата во Нант на четвртото место и неговиот наследник во Барселона, Јуре Доленец на петтата позиција.

Даинис Кристопанс, кој ќе го наследи Душебајев во Вардар, се наоѓа на седмото место на оваа ранг-листа, на која има место за уште еден македонски репрезентативец, Дејан Манасков, кој е рангиран на 11. позиција со преселбата од Некар Левен во Веспрем.

Се вчитува...