Тотре: Имаме верба во себе, достојно ќе му се спротивставиме и на Милан

Шкендија има идеален почеток на сезоната, откако стигна до плејоф колото во Лигата на Европа, а за последна пречка пред групната фаза го има италијанскиот гигант Милан. Во саботата во Тетово падна актуелниот шампион Вардар (2-0) во првото коло од новиот шампионат, па фудбалерите на Шкендија во одлична атмосфера го очекуваат утрешното патување за Милано. В четврток, ќе ги вкрстат копјата со Бонучи, Андре Силва, Донарума, на „Сан Сиро“.

Младиот играч за врска, Енур Тотре, верува дека Шкендија достојно ќе се претстави и во дуелите против големиот Милан.

„По ждребот, откако го добивме Милан за противник, многу се зборува за нашите дуели. Ние сме среќни што стигнавме повторно до плејофот за влез во групите од Лигата на Европа, а за претстојниот ривал и не треба да се трошат зборови. Сите многу добро ги знаеме реномето, традицијата и квалитетот на Милан, кој навистина многу се засили во овој летен преоден рок. Тие секако се фаворити, но морам да кажам дека ние и понатаму веруваме во своите квалитети. Сигурен сум дека достојно ќе му се спротивставиме и на големиот Милан. Против Вардар одигравме одличен натпревар, остваривме победа која уште повеќе ја зголеми нашата мотивација пред патувањето во Италија“, вели Енур Тотре.

Фудбалерите на Шкендија утре претпладне ќе го одработат последниот тренинг во Тетово, а попладне заминуваат за Милано, каде в четврток ќе го одиграат првиот меч од плејоф колото против италијанскиот калчолигаш Милан.

Се вчитува...