Трајковски не игра за Македонија: Морам да паузирам најмалку десет дена

Бојан Трајковски повторно нема да може да им помогне на репрезентативните колеги откако крилниот центар на МЗТ Скопје реши токму во овој период да ја санира повредата на мускулот што го мачи подолго време. Тој настапуваше повреден за МЗТ Скопје на последните средби, но болката на дуелот со Будуќност стана преголема, па Трајковски по консултациите со лекарите одлучи да почне со третмани. Овој кошаркар денеска се појави на првата прозивка за да му ја соопшти својата одлука на селекторот Давитков, по што почна со третмани за санирање на повредата.

Се обидував да играм без тренинзи за МЗТ Скопје, но тоа повеќе не е возможно. Се консултирав со лекарите и морам да паузирам најмалку десет дена. Во прв момент ќе се обидеме со третмани за да се избегне операција, а доколку ситуацијата не ми се подобри ќе морам да одам „под нож“. За жал, тоа значи и дека нема да можам да настапувам за македонската репрезентација“ – изјави Трајковски за ЕКИПА.

Ова е сериозен проблем за македонскиот национален тим со оглед на фактот дека и Ѓорѓи Чековски заработи незгодна повреда на последниот дуел меѓу Гостивар и Работнички, па селекторот Давитков за битката под кошевите ги има само Љубомир Младеновски, Бојан Крстевски и Кире Николовски.

Се вчитува...