Тренерот на Јокохама: Со Давид Бабунски добивме фудбалски виртуоз

Две кола, две победи – два гола и Давид Бабунски е веќе херој на навивачите на Јокохама маринос во јапонскиот шампионат. Македонскиот „самурај“ блесна во полн сјај уште на самиот старт од новата јапонска одисеја, а од неговите игри е задоволен и тренерот Ерик Момбартс.

Французинот од 2008 до 2012 година беше селектор на младата фудбалска репрезентација на Франција до 21 година и сака да им дава шанса за блесок на младите фудбалери. Вели дека Давид Бабунски е голем талент и вистински виртуоз со топката.

„Задоволни сме од стартот. Победивме на двата меча, прикажавме добра игра и се наоѓаме на врвот. Странците покажаа дека поседуваат голем квалитет, Хуго Виеира е расен стрелец, Давид Бабунски е фудбалски виртуоз со топката, но и домашните фудбалери се претставија во одлично издание. Но, тукушто почнавме, треба да продолжиме во ист ритам и понатаму, затоа што првенството е многу долго“, изјави тренерот на Јокохама маринос, Ерик Момбартс, за тамошните медиуми.

Јокохама маринос третиот натпревар од шампионатот го игра в петок, на гости кај Кашима антлерс.

 

Се вчитува...