Тренерот на Лугано го одведе Алиоски во фабрика во шест наутро – да види што е мака!

Паоло Трамецани, италијанскиот стратег на кормилото на швајцарскиот прволигаш Лугано, за кој настапува македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски, ги одведе фудбалерите во локална фабрика, и тоа во 6 часот наутро, за да видат како обичниот народ си го заработува лебот. Тој беше револтиран од играта на својот тим во поразот против Тун (5-2) изминатиот викенд, па им нареди на фудбалерите да станат рано наутро и да дојдат во локалната фабрика.

Тој и претходно им се закани на фудбалериоте дека ќе ги научи на ред, доколку сами не ја почитуваат фудбалската игра и пред се клубот, кој им овозможил да играат и да заработуваат многу повеќе од еден обичен работник во фабрика. Откако увиделе како е да се работи во фабрички услови, Трамецани ги вратил Алиоски и соиграчите во тренинг – базата и ги „исцедил“ на утринскиот тренинг.

Раководството на Лугано ги поддржало овие методи на својот тренер, истакнувајќи дека има доверба во неговата работа, а фудбалерите треба да се научат на ред и дисциплина, но и да го ценат фудбалскиот занает.

Се вчитува...