Тренерот Николиќ си замина од Карпош соколи

Драган Николиќ од денеска и дефинитивно повеќе не е тренер на Карпош Соколи, откако по долги и интензивни преговори двете страни не успеаја да најдат заеднички јазик околу продолжување на соработката. Српскиот стручњак во последните денови беше во Скопје, водеше разговори со челниците на македонскиот вицепрвак, но откако не успеа да се договори за продолжување на соработката „соколите“ соопштија дека во следната сезона ќе бидат водени од нов тренер.

Името на Николиќ ќе остане запишано како тренерот кој го донел првиот пехар во клупската историја, оној во Купот на Македонија, а под водство на Србинот „соколите“ стигнаа и до финалето од плејофот, каде во мајсторка загубија од МЗТ Скопје.

Управата на победникот на Купот на Македонија му се заблагодарува на сиот труд вложен во периодот по неговото назначување за прв тренер и му посакува среќа во неговата понатамошна кариера со надеж дека многу брзо патиштата повторно ќе им се спојат и дека заедничката приказна ќе добие нова и поуспешна епизода“ – се вели во соопштението на Карпош соколи.

Николиќ во изминатиот период беше поврзуван со функцијата тренер на Партизан, по заминувањето на Александар Џикиќ во Будуќност.

Се вчитува...