Треневски: Добро го проучивме Пелистер, знаевме дека третпат нема да не победат!

Шефот на стручниот штаб на Работнички, Виктор Треневски не можеше да го сокрие задоволството по големата победа на дерби дуелот против Пелистер во Охрид, со која „романтичарите“ јасно го зацртаа патот кон Европа и оваа сезона.

Работнички сосема заслужено дојде до трите бода, доминирајќи во текот на сите 90 минути на дуелот со „пелистерци“. Сето тоа беше заокружено со прекрасниот гол на Елиф Елмаз, но Треневски вели дека сепак ова е победа на тимот.

„Да, може да го издвојам Елмаз и неговиот прекрасен гол со кој дојдовме до победата, но мора да кажам дека ова е победа на тимот. Изминатиов период добро го проучивме Пелистер. Знаевме дека не може да не победат и трет пат сезонава. Ние доминиравме сега во текот на целиот натпревар, имавме повеќе од играта, повеќе шанси и на крај заслужено триумфиравме. Мислам дека сега јасно означивме почеток на нашиот пат кон Европа, но секако треба да останеме концентрирани до крајот на сезоната на секој натпревар“ – ни изјави по натпреварот Виктор Треневски.

Се вчитува...