ТРИ СЕКУНДИ: Српска „струја“ не „дрма“ во МЗТ Скопје

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Новата година не донесе апсолутно ништо ново кога станува збор за македонскиот првак и неговиот настап во АБА-лигата.

Лукајиќ – авторитет НУЛА

Не мина ниту цел месец од доаѓањето на Жељко Лукајиќ на клупата на МЗТ Скопје (8 декември 2017) за да се констатира дека тоа е тотално промашување. Србинот со прекар „струја“ не успеа да го „раздрма“ македонскиот првак, во чија игра и под водство на стариот тренер Тодоров главен проблем беше недисциплината. За разлика од Тодоров, Лукајиќ многу поотворено влегува во конфликт со своите кошаркари, има „пеење“ на тајмаути, но се е попусто кога е очигледно дека не дава резултат.

Навистина, тимот што го води е наследен, без ниту еден свој кошаркар во ростерот, но од искусен стратег како Лукајиќ се очекуваше да наметне авторитет, а со самото тоа да донесе и дициплина во играта. Лесно е да делиш лекции како Трајковски не брани како што треба, или Мавра „спие“ во одбраната… да ги натераш да играат по твоите замисли – тоа е она тренерското.

mzt-fmp (41)

И сега… Македонија немала тренери

Првата изјава на Тони Грнчаров како директор на МЗТ Скопје гласеше: „Како играч сум настапувал за многу тренери, домашни и странски, и слободно можам да кажам дека странците во ништо не се подобри од македонските. Изјава за респект, само што кога Тодоров си замина од клупата, Грнчаров реши да донесе – странец.

Во неврзан разговор во тој период напомена: „Па кој Македонец може да се донесе за АБА“.

Од сегашна перспектива, било кој, и немаше да биде ништо полошо (а сигурно може многу подобро) од ова со Лукајиќ. Да не заборавиме – три домашни порази од Морнар, ФМП и од Игокеа, и дебакли на гостувањата против Партизан и Задар.

И со тренерите е исто како и со домашните играчи, потенцијал има, но се е попусто кога не им се дава шанса. И сега… Македонија немала тренери, не ќе да е така.

Пеце инвестира во сала… ама во која

Петар Наумоски е вреден претседател, па работи и кога е на одмор. Прво ја распушти цела федерација до 9 јануари (за да добие некој ден плус за собирање гласови), а потоа среде одмор се јави на официјалната веб-страница со соопштение.

Во него ништо суштинско, освен очигледниот очајнички обид за приближување до Зоран Заев и Дарко Каевски, но и една интересна работа – најава за инвестирање на сите пари што ги има на сметката во новиот дом на кошарката, идна сала што МКФ би ја имало во трајно користење.

Во ситуација кога тронот силно му се тресе, на прв поглед се чини дека тој планира да ја остави касата празна за својот наследник, но има еден проблем, салата најавена од Премиерот Заев (најава дека дел од салите во државна сопственост ќе им бидат распоредени на неколку федерации) нема да биде доделена така брзо, а Наумоски би морал да распише Вонредно Собрание до крајот на овој месец. И тогаш логично е да се помисли – во која сала МКФ ќе ги инвестира овие 150.000 евра за кои се пофали дека моментно ги има на сметка!?

Само да не биде во онаа приватна сала на Петар Наумоски во населба Аеродром, чија изградба е во завршна фаза. Тоа би било ептен, ептен перверзно.

Се вчитува...