Тричковски: Мечот со Лихтенштајн да биде позитивна пресвртница

Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за новото квалификациско искушение и в петок за првпат ќе биде во улога на фаворит, на гости против Лихтенштајн. Атмосферата во националниот тим е одлична, а напаѓачот Иван Тричковски, кој игра во фантастична голгетерска форма во АЕК Ларнака, верува дека овој меч ќе биде позитивна пресвртница за националниот тим по претходните порази.

„Желбата и мотивот не треба да ги нагласуваме. За нас приоритет е победа на натпреварот вo петок против Лихтенштајн. Одигравме одлично на претходните неколку натпревари, а сега се надевам дека тоа ќе го надградиме и со освојување на бодовите. Конечно ова е натпревар кој може да биде пресвртница за нас по сите негативности кои ни се случуваа во изминатиот период. Работиме посветено, ја знаеме својата одговорност и зададените задачи од селекторот и одиме да успееме во намерата да победиме“, вели Тричковски.

Македонскиот национален тим утре наутро со чартер лет патува за Вадуз, каде во 18.30 часот ќе го одржи и официјалниот тренинг на стадионот „Рејнпарк“ во пресрет на натпреварот в петок, кој е закажан за 20.45 часот.

Се вчитува...