Трилер-меч: Манасков и Веспрем останаа непоразени во Кјелце

Веспрем останува без пораз во својата група од Лигата на шампионите откако унгарскиот гигант во фантастичен меч вечерва ремизираше 32-32 на гостувањето против Кјелце. Тимот на нашиот Дејан Манасков беше на работ на пораз, Кјелце на помалку од пет минути до крајот имаше „плус два и напад“, но Веспрем успеа да се спаси. Домаќините поведоа со 32-31 на помалку од дваесет секунди до крајот, по бруталниот старт за кој Шуш заработи црвен картон, за Веспрем сепак да стигне до бод со голот на Маргуч.

Манасков го одигра второто полувреме и постигна еден гол, а најефиксни на натпреварот беа Душебајев кај Кјелце со седум и Тонесен кај Веспрем со шест погодоци.

Максимално интересно беше на германското дерби меѓу Кил и Фленсбург, на кое лутите ривали одиграа без победник, 20-20. Никлас Екберг го промаши шутот за победа на Кил во дуелот во кој најефикасен кај „зебрите“ беше Вујин со пет гола, додека најдобри стрелци кај Фленсбург беа Сван и Мае со по четири погодоци.

ПСЖ рутински си ја одработе задачата на гостувањето во Данска, совладувајќи го Алборг со 26-33, откако актуелниот европски вицешампион сите дилеми ги разреши уште во првото полувреме (11-18). Генсхајмер со пет и Сагосен со четири гола беа најефикасни кај гостите, на чиј гол брилијантен беше ветеранот Омејер.

Се вчитува...