Тројките на Костоски недоволни за изненадување против Клуж

Одличниот настап на Александар Костоски на гостувањето против Клуж сепак не беше доволно за тимот на Питешт да приреди изненадување против лидерот на табелата во романскиот шампионат. Клуж на крајот триумфираше со 94-84, иако на три минути до крајот домаќините имаа само три поени предност, за во самиот финиш кошаркарите на Питешт да промашат неколку шутеви и на крајот да претрпат двоцифрен пораз.

Клуж во неколку наврати се одлепуваше, но гостите се враќаа најмногу благодарение на македонскиот плејмејкер, кој и во втората и во четвртата четвртина постигна по две тројки со кои внесуваше резултатска неизвесност. На крајот, Костоски го заврши натпреварот со шест тројки од осум обиди за вкупно 22 поени, згора на тоа имаше и дури девет асистенции, но и тоа беше недоволно за да се приреди сензација противв еден од најдобрите романски клубови во моментов.

Питешт по овој пораз се наоѓа на делба на четвртото до шестото место во плејог разигрувањето за титулата.

Се вчитува...