Циндриќ е “фит“, Вардар комплетен на стартот од ЛШ

Лука Циндриќ ги надмина проблемите со повредата што го мачеше во изминатиот период, па хрватскиот бек ќе може да му помогне на Вардар од самиот старт на Лигата на шампионите. Циндриќ, кој беше клучна фигура на Ф4 турнирот во Келн, отпатува во Полска со остатокот од тимот, а откако вечерва без проблеми го издржа целиот тренинг веќе нема никакви дилеми дека ќе му биде на располагање на Раул Гонзалес за утрешната пресметка со Висла Плоцк.

Циндриќ поради повреда ги пропушти првите натпревари во СЕХА-лигата, „црвено-црните“ и без негова помош редеа победи во регионалното натпреварување, но јасно е дека помошта од овој одличен бек ќе биде и повеќе од добредојдена кога станува збор за средбите од Лигата на шампионите.

„Вардарци“ ремизираа на своето последно гостување во Плоцк (30-30) во осминафиналето од ЛШ во сезоната 2015/2016, меч на кој Циндриќ постигна пет погодоци.

Се вчитува...