Црна Гора поразена од Чешка во Подгорица

Машката ракометна репрезентација на Црна Гора загуби од Чешка со 26-28 на контролниот натпревар што се одигра во Подгорица во склоп на подготовките во неделата на ЕХФ. Црна Гора е еден од противниците на Македонија во групата Ц на претстојното ЕП 2018 во Хрватска., покрај Словенија и Германија.

Избраниците на селекторот Драган Ѓукиќ одиграа изедначен натпревар против Чешка во кој последен пат беа во водство во 50.минута. Но, Чесите беа поуспешни во финишот на натпреварот, ја искористија предноста со играч повеќе и со неколку контри направија пресврт и се одлепија на 23-26, а потоа ја задржаа позитивата до крај.

Стефан Вујовиќ кој по тригодишна пауза повторно се врати во репрезентацијата на Црна Гора, го предводеше нападот на домаќините со шест гола. Исто толку запипа и Марко Ласица. По три погодиц за Црна Гора постигнаа Стефан Чавор, Владан Липовина и Божо Анѓелиќ.  Во составот на Црна Гора поради повреда не настапија Вуко Борозан, Васко Шеваљевиќ и Жарко Пејовиќ, а овој репрезентативен собир откажа повредениот Немања Грбовиќ.

Репрезентациите на Црна Гора и на Чешка утре ќе го одиграат вториот контролен меч во овие подготовки.

  

Се вчитува...