ЦРНИЛА: Македонија испадна, Косово ја победи Естонија

Македонската репрезентативна кошарка го допре дното откако нашата национална селекција го освои последното место во претквалификациската група за СП 2019, зад Естонија и Косово. Вечерва ни требаше услуга од Естонците во Приштина, но тоа не се случи, откако Косово во трилер-дуел во последните две минути го скрши отпорот на гостите и триумфираше со 75-69, скокнувајќи ја Македонија на втората позиција на табелата.

Косовците влегоа максимално мотивирани во натпреварот и набрзина поведоа со седум поени, но Естонија со трпелива игра успеа да се врати. Пред крајот на полувремето домашната селекција влезе во криза, промаши и четири слободни фрлања во низа, па Естонците го искористија тоа за да заминат на одмор со 35-38. Гостите го контролираа натпреварот се до 28. минута, кога по нивно водство од 44-50 во ритам влезе Бериша, кој постигна десет поени до крајот на четвртината, па во последниот период се влезе со минимална предност на Косово од 54-52.

Домаќините имаа и 59-52, но Естонците со две тројки за помалку од една минута експресно се вратија во натпреварот. Гостите беа на чекор до победа на нешто повеќе од две минути до крајот, имаа водство од 64-67 и напад, но најпрвин ја загубија топката, а потоа на спротивната страна направија неспортска лична грешка, и тоа при постигнати поени на Ругова. Косовските кошаркари добија крила, го свртеа резултатот во своја полза, а потоа и ја постигнаа клучната тројка преку Кастрати на 30 секунди до крајот, за водство од 72-69. Веќе во следниот напад Естонците ја загубија топката, што значеше и конечен крај и пласман на Косово во следната квалификациска рунда, на сметка на Македонија.

Ова за нас ќе значи пласман во најнискиот ранг на натпреварување, претквалификации за наредното Европско Првенство со земји како Андора, Фарски острови, Гибралтар… за само шест години по историското четврто место на Евробаскет 2011.

Се вчитува...