Црнила од МЗТ Скопје - нов пораз сред Аеродром - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
17/11/2017 20:24
Фудбал
17/11/2017 15:37
Ракомет
17/11/2017 12:37
Кошарка
17/11/2017 9:55

Црнила од МЗТ Скопје – нов пораз сред Аеродром

Црнила од МЗТ Скопје – нов пораз сред Аеродром

МЗТ Скопје уште еднаш ги разочара своите фанови, губејќи го и третиот натпревар во низа во СЦ „Јане Сандански“, овојпат од Мега Бемакс со резултат 76-92. За разлика од претходните мечеви со Задар и со Цибона во кои поразите беа минимални, овојпат „металците“ одиграа катастрофални први дваесет минути, во кои губеа со 21 поен разлика, па убедливиот пораз беше неизбежен. Фактот дека против себе имаа тим со идентичен скор 2-4, а загубија така убедливо е најдобар доказ за огромната криза во која се наоѓа македонскиот првак, кој згора на тоа има и два домашни порази во македонското првенство, од Карпош соколи и од Блокотехна.

Натпреварот почна очајно за македонскиот првак, кој за две минути се најде во негатива од 0-9. Тодоров зеде тајмаут по кој Лалиќ ги реализираше првите поени за МЗТ Скопје, но потоа следеше нов налет на гостите за кој стратегот на „металците“ немаше одговор. Згора на тоа, Трајковски експресно влезе во проблеми со личните грешки, што им овозможи на кошаркарите на Мега Бемакс уште полесно да ги реализираат своите напади. Српскиот тим во првата четвртина постигна дури 32 поени (18-32), а потоа продолжи во ист ритам и замина на одмор со убедливи 36-57.

mzt-meg-kos-aba 05.11 (37)

Гостинскиот состав на почетокот на третиот период имаше и преубедливи 36-60, но потоа дојде до опуштање во редовите на Мега Бемакс, па МЗТ полека, но сигурно почна да ја топи предноста на противникот. Македонскиот првак конечно заличи на сериозна екипа на стартот од последната четвртина, кога пет минути не му дозволи на противникот да дојде до поени, намалувајќи ја негативата само на „минус пет“ (65-70). Мушиди ја прекина серијата на МЗТ Сскопје со тројка, во следниот напад прецизен беше и Чанчар, па гостите на крајот заслужено славеа со двоцифрена разлика (76-92), нанесувајќи му го на македонскиот првак петтиот пораз сезонава во АБА, со кој „металците“ остануваат заковани на дното на табелата.

Бојан Трајковски постигна 16, Дамјан Стојановски 13, а Спасојевиќ 12 поени за македонскиот првак, додека најдобар стрелец на Мега Бемакс беше Ребиќ со 22 поени.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.