Црвена звезда без Антиќ немоќна во Малага

Влијанието на Перо Антиќ врз играта на Црвена звезда е огромно, доказ за тоа е и денешното гостување во Малага против Уникаха, на кое шампионот на АБА-лигата без помошта на македонскиот кошаркар претрпе убедлив пораз од 79-65. Антиќ поради повреда не беше во можност да отпатува со остатокот од тимот во Шпанија, а „црвено-белите“ немаа сили за да приредат изненадување.

Уникаха го отвори мечот со рана предност од 10-2, веднаш потоа следеше и првата двоцифрена предност на шпанскиот клуб. „Црвено-белите“ посериозно се приближија кон средината на третиот период, кога дојдоа на „минус шест“ (54-48), при што не реализираа и напад. Казната следеше на спротивната страна, Уникаха повторно влезе во серија, ја заврш третата четвртина со 61-50 и ја одржуваше двоцифрената предност до крај, до конечните 79-65.

Немања Недовиќ беше најефикасен кај Уникаха со 17 поени, два повеќе од Сасу Салин, кој погоди пет тројки од седум обиди. Кај Црвена звезда најефикасни беа Лесор, Фелдеин и Рочести со по десет поени.

По комплетирањето на шестото коло, на чело во Евролигата се руските гиганти ЦСКА Москва и Химки со идентичен скор од 5-1, пред Реал Мадрид, Фенербахче, Олимпијакос и Макаби со по четири победи и два порази. Црвена звезда има скор од две победи и четири порази, а зад шампионот на АБА-лигата, со 1-5 се наоѓаат Басконија, Анадолу Ефес и Милано.

Се вчитува...