Црвена звезда без мака го реши Будуќност за финале во АБА

Црвена звезда ќе се сретне со Цедевита во репризата на ланското финале од АБА-лигата откако српскиот првак славеше во вечерашната мајсторка против Будуќност со убедливи 82-59. Сосема очекувано, избраниците на Дејан Радоњиќ не дозволија ново изненадување како она од пред една седмица во Подгорица, го контролираа мечот во текот на сите 40 минути и на крајот заслужено стигнаа до пласман во големото финале.

Црвена звезда беше подобар противник од самиот почеток, па пред крајот на првата четвртина поведе со 21-11. Будуќност по финишот од првиот и стартот на вториот период стигна до израмнување на 21-21, но следеше тајмаут на Радоњиќ по кој „црвено-белите“ се консолидираа и повторно заиграа во посакуваниот ритам. На полувреме се замина со водство на домаќините од 35-29, за потоа Црвена звезда фуриозно да влезе во третиот дел од натпреварот. Клучен момент беше 22. минута, кога Савовиќ најпрвин ја загуби топката, потоа направи лична грешка, а за приговорите кон судиите доби и техничка грешка. Симоновиќ ги погоди трите слободни фрлања, а при следниот напад истиот кошаркар реализираше и тројка за Црвена звезда, по што разликата се искачи на 16 поени (45-29). Неколку минути подоцна домаќините стигнаа и до „плус 20“ (53-33), по што рутински го контролираа резултатот се до самиот крај и конечната победа од 82-59.

Џенкинс постигна 17, Симоновиќ 14, а Кузмиќ 13 поени во ова победа на „црвено-белите“, кои в петок го играат клучниот натпревар од Евролигата во Истанбул против Дарушафака, на кој победа ќе значи пласман во четвртфиналето од елитното европско натпреварување.

Финалната серија од АБА-лигата меѓу Црвена звезда и Цедевита стартува со мечот во Белград закажан за 10 април.

Се вчитува...