Црвена звезда го растури Морнар, Антиќ гледаше од клупата

Црвена звезда импресивно ја стартуваше одбраната на титулата во АБА-лигата, откако „црвено-белите“ вечерва лесно и убедливо го совладаа Морнар со резултат 88-77.

Уште од самиот почеток стана јасно дека гостите од Црна Гора ќе немаат што да бараат на оваа средба, шампионот делуваше сигурно, ја доби стартната четвртина со 19-12. Потоа во вториот период Црвена звезда стигна до двоцифрена предност што рутински ја одржуваше. Белградскиот состав во третата четвртина имаше и 20 поени позитива (64-44), но опуштањето во самиот финиш придонесе Црвена звезда да ја добие оваа средба „само“ со единаесет поени.

Перо Антиќ се најде во тимот на Црвена звезда за овој меч, но воошто не влезе во игра и од клупата следеше како неговите соиграчи се справуваат со послабиот противник. Најефикасни кај „црвено-белите“ беа Лесорт со 22 и Рочести со 17 поени, додека најдобар поединец во редовите на Морнар беше Американецот Рејли Бос со 21 поен.

Се вчитува...