Цветковски опериран: Се надевам дека ќе се вратам сезонава, благодарност до сите во Блокотехна

Андреј Цветковски прикажуваше одлични игри во дресот на Блокотехна во текот на летово, па вистинска штета е што плејмејкерот заработи тешка повреда на контролниот дуел со Гостивар. По повредата на лигаментите во коленото Цветковски беше опериран, хируршкиот зафат мина без никакви проблеми, па сега пред овој кошаркар е подолг период на рехабилитација. Тој изразува огромна благодарност до сите во Блокотехна за поддршката што ја добива во овој период, најавувајќи дека ќе се обиде да се рехабилитира навреме за да му помогне на тимот во завршницата од оваа натпреварувачка сезона.

Операцијата мина во најдобар ред, доктор Боро Илиев одлично си ја заврши работата и сега ми преостанува само да се опоравам и да почнам со добра рехабилитација. Не сакам да брзам и да зацртувам датум кога точно би се вратил, ќе видиме како ќе се одвиваат работите, но јас би бил пресреќен доколку би можел да се вратам пред крајот на сезоната и да им помогнам на моите соиграчи. Исто така, сакам да им се заблагодарам на сите луѓе во Блокотехна, од управата, стручниот штаб и на соиграчите, за несебичната поддршка, што цело време се со мене и прават да се чувствувам како секој ден да сум со нив на терен“ – истакна Цветковски за ЕКИПА.

 

Се вчитува...