УО на РФМ: Брестовац нов селектор на младинците кои добија награда од 10.000 евра

Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија, разгледувајќи ги извештаите за настапите на националните селекции изминатиов период, на денешната своја седница ја верификуваше претходната своја одлука за награда на машката сениорска репрезентација за пласман на ЕП во Хрватска во висина од 40.000 евра, донесе одлука за парична награда од 10.000 евра за младата селекција, а го назначи и Данило Брестовац за нов селектор на кадетската и младинската репрезентација!

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов го истакна задоволството од постигнувањето во квалификациите, потенцирајќи дека репрезентацијата од РФМ сега ќе има дополнително засилена поддршка за во Хрватска да го покажеме најдоброто од себе.

„Искрено го поздравувам успехот на Раул Гозанелс и репрезентативците, честитки за сработеното од нивна страна, но и на сите вклучени од организациски аспект во националниот тим. Сега мора да има уште поголема поддршка за успешно претставување во Хрватска на Европското првенство“ – истакна претседателот Мукаетов.

Младинската селекција, пак, за 6. место на Мундијалот во Алжир доби награда од 10.000 евра која е за ракометарите, а 1.000 евра награда за селекторот Илија Темелковски.

„Младите ракометари не направија сите нас вистински горди. Потврда дека македонскиот ракомет има иднина која мора силно да ја негуваме“ – рече првиот човек на РФМ.

РФМ го избра и Данило Брестовац за нов селектор на младинската репрезентација, кој доаѓа на местото на Илија Темелковски, но во исто време ќе се грижи и за кадетската селекција.

Данило Брестовац е актуелен тренер на Ред Бојс Диферданж во Луксембург, а претходно беше дел и од стручниот штаб на сениорската репрезентација.

Се вчитува...