Условот на Конте до одборот на Челси: Нови договори за Азар и Куртоа

Менаџерот на Челси Антонио Конте истакна дека приоритет на клубот во овие моменти е да обезбеди нови договори за белгиските репрезентативци, Еден Азар и Тибо Куртоа, пред почетокот на Светското првенство 2018. Целта на обновување на соработака со белгиското дуо е да се оттргне интересот од Реал Мадрид, кој веќе долго време посакува да ги види и двајцата фудбалери во „кралскиот“ дрес.

Куртоа пред извесно време посочи дека се уште нема напредок во преговорите за нов договор, но „златната“ ракавица од минатата сезона во Премиер – лигата има целосна поддршка од неговиот тренер. Во случајот со Азар, веќе долго време се шпекулира дека Белгиецот сака да остане на „Стемфорд бриџ“, но при тоа сака да биде најплатениот фудбалер во лигата, па наводно бара недела плата од 250.000 фунти.

„Ако јас се прашувам, без размислување би им понудил нови договори. Азар и Куртоа се многу квалитетни играчи, се уште млади и имаат многу простор да напредуваат. Секако дека сакам да ги задржам, многу клубови ги посакуваат во своите редови, тоа е така бидејќи се лидери во мојот тим. Но, јас само можам да дадам свое мислење, обновувањето на соработката е одговорност на раководството. Сметам дека тие се свесни за важноста на овие играчи и се надевам дека до крајот на сезоната овој приоритет ќе го оствариме“, истакна Конте.

Договорот на Куртоа истекува кон крајот на сезоната 2018/2019, додека Азар има една година повеќе.

 

Се вчитува...