Увертира за Супер-купот: Јунајтед на пенали го совлада Реал Мадрид

Реал Мадрид и Манчестер јунајтед одиграа 1-1 на пријателски натпревар во САД, како увертира за пресметката што овие два европски гиганти ќе ја имаат во Скопје во рамките од Супер-купот на Европа. На крајот на мечот се радуваа „црвените ѓаволи“, кои беа поумешни во пенал-рулетот од избраниците на Зинедин Зидан.

Јунајтед го доби првото полувреме со 1-0 со голот на Лингард, кој немаше тешка задача да ја смести топката во мрежата по извонредниот продор и асистенција на Марсијал. Се очекуваше тимот на Мурињо да издоминира и во вториот дел, откако во игра влегоа Лукаку, Погба и уште неколку „ѕвезди“ на англискиот гигант, наспроти седум члена на младинската школа на Реал кои влегоа за „кралскиот клуб“. Сепак, младите асови на Реал изненадија со добра игра и „кралевите“ израмнија со погодокот од пенал на Кашемиро во 69. минута.

Во пенал-рулетот сепак пресуди неискуството на младите играчи на Реал, па „кралевите“ од петте удари погодија само еднаш, а на победата се радуваа „ѓаволите“ од Манчестер.

Се вчитува...