Вајлдер преживеа жестоки удари, за да потоа „Кинг Конг“ падне во 10. рунда!

Деонтај Вајлдер ја одбрани титулата во ВБЦ верзијата во тешка категорија откако синоќа во Бруклин го победи Кубанецот Луис Ортиз со нокаут во 10-та рунда.

Двајцата боксери во мечот влегоа без ниту еден пораз во кариерата. Некој мораше на крајот да го признае првиот пораз, а тоа беше Ортиз и покрај тоа што одлично го почна мечот.

Ортиз, или добро познатиот „Кинг Конг“ феноменално ги одработи третата и четвртата рунда задавајќи му на Вајлдер жестоки удари. Но, Американецот успеа да ги издржи за да комплетно се врати во петтата рунда кога Ортиз го доби првиот нокдаун.

Вајлдер продолжи со жестоки напади и во шестата рунда, за да во седмата рунда Ортиз биде повторно подобар вистински раздрмувајќи го противникот. Шампионот едвај издржа на налетите на „Кинг Конг“, за да ѕвончето за крај на рундата го спаси од нокдаун.

И кога се чинеше дека Ортиз е на добар пат да слави триумф, во 10-та рунда крај на борбата. Вајлдер жестоко го нападна Ортиз кој се најде на подот. Се обиде да ја продолжи борбата, но следеше уште една страшна серија па мечот мораше да биде прекинат.

За Вајлдер ова е 40-та победа во исто толку борби, додека Ортиз сега има 28 победи и овој пораз со нокдаун.

Се вчитува...