Вакви не и се потребни на Македонија: Јаховиќ демек се радуваше на успесите, па сите ги нарече – душмани!

Напаѓачот на Гезтепе, Адис Јаховиќ, со статус на Фејсбук, само два дена по завршувањето на циклусот од квалификациите за СП 2018 во Русија, ги нарече душмани оние со кои тренираше и ја делеше клупата, како и дресот на Македонија, на последните два меча, против Италија (1-1) на гости во Торино, и против Лихтенштајн (4-0) во Струмица. Иако беше дополнително повикан во националниот тим, по повредата на Бобан Николов, напаѓачот мислел дека треба да биде стартер, или да добие одредена минутажа на овие два меча, па се „дрзна“ да напише дека има посилен карактер од сите други – кои за него сега се душмани!

Ваков сличен испад имаше и Музафер Ејупи претходно, па останува ставот дека некои фудбалери многу повеќе си ја сакаат својата себичност во градењето на сопствената кариера, отколку да се стават во функција на националниот тим, без разлика дали, каде и колку ќе играат. На таквите, можеби и самите убаво си пресекуваат – не им е место во македонската фудбалска репрезентација. Тоа дефинитивно се препознава и во статусот на Адис Јаховиќ.

„30 голови за една година во Турција не се доволни. Прв стрелец во Суперлига на Турција и повикан како резервен играч во репрезентацијата. Браво. Ама јас имам карактер поголем отколку вие сите заедно душмани“, напиша Адис Јаховиќ.

Нека си има убава кариера и нека дава и по 100 гола во Турција… Затоа што репрезентацијата е многу повеќе од поединец. Репрезентацијата е тим, почнувајќи од оние кои се логистичка поддршка на неа како вработени во ФФМ, преку сите кои ја опслужуваат, преку стручниот штаб и оние кои седат на клупата па се до првотимците… И сите подеднакво се важни за неа, и сите подеднакво се значајни за нејзините успеси или се виновни за нејзините неуспеси. Кој не може да го разбере тоа, не му е местото во неа. Адис Јаховиќ на неколку наврати досега покажа дека не разбира што значи национален тим и репрезентација! А, сепак доби повик од Игор Ангеловски за октомврискиот собир, и покрај долгогодишниот очаен ефект во репрезентацијата, на теренот и надвор од него, сите изминати години кога добиваше и поголема шанса од што заслужува… Но, за повикот Ангеловски си е самиот виновен!

Се вчитува...