Ван Гал објави крај на својата тренерска кариера

Холандскиот фудбалски стратег Луј ван Гал на 65-годишна возраст и официјално објави дека става крај на својата тренерска кариера. Иако добил понуда од клуб од Азија за тригодишна соработка, за која би заработил 44 милиони фунти, тој ја одбил и потенцирал дека нема намера веќе да се занимава со тренерскиот занает туку да му се посвети на своето семејство.

„Можев да одам и да заработам многу пари, но јас одлучив дека моето семејство ми е најважно. Минуваме низ еден тежок период, во минатото исто така семејството многу се жртвуваше за мојата професија и сега е моментот јас целосно да се посветам на нив“, изјави Луј ван Гал.

Тој ја почна тренерската кариера во 1991 година, беше тренер на Ајакс, Барселона, Баерн Минхен и на Манчестер јунајтед, како и селектор на Холандија, а по заминувањето од „Олд трафорд“ не се нафати на нов тренерски предизвик.

Како што информира холандскиот „Телеграаф“, една од ќерките на Ван Гал минатиот месец го загубила својот сопруг кој ненадејно починал, и сега тој сака да биде заедно со своето семејство, и да помогне во овие тешки мигови за нив.

Се вчитува...