Вандорн и следната сезона во болидот на Мекларен

Стофл Вандорн останува во болидот на Мекларен и во наредната сезона. Од британскиот тим вчера го официјализираа новиот договор со 25-годишниот Белгиец.

Вандорн дојде во Мекларен на пред почетокот на оваа сезона како замена за Џенсон Батон кој реши да се повлече од настапите во Формула 1. Белгискиот возач ја оправда довербата и доби шанса да остане во тимот на Мекларен уште најмалку една сезона.

„Кога на крајот на 2016 година објавивме дека Стофл ќе вози за Мекларен оваа сезона, потенциравме дека имаме план тој да остане во тимот барем неколку години. Намерите не ни се променија и затоа сега со задоволство можам да потврдам дека тој ќе настапува за нас и во следната сезона“ – изјави спортскиот директор на Мекларен, Ерик Булие.

Од Мекларен истакнуваат дека се исклучително задоволни од настапите на Вандорн во досегашниот тек од сезоната и дека во него гледаат возач за големи резултати.

„Како и сите други дебитанти во спортот, така и Стофл требаше да научи многу работи во првата половина од сезоната, но имавме голема доверба во него. Тој е се подобар и подобар на патеката. Да го наречам само „тешок противник“ ќе биде потценување бидејќи тој, без сомнение, сега е еден од најдобрите возачи во Ф1. Со талентот на Стофл и со неговата амбиција, убедени сме дека тој со Мекларен ќе постигне големи успеси во иднина“ – додаде Булие.

Се вчитува...