Вардар без Штербик, Циндриќ, без Раул на клупа… шампионот ќе стане обичен тим?!

Најавите и шпекулациите што се вртеа низ медиумите уште од почетокот на сезоната, сега добија и официјална потврда – Арпад Штербик си заминува од Вардар, не во пензија туку во Веспрем со кој потпиша двегодишен договор.

Ова е уште едно во серијата најавени и потврдени заминувања од европскиот шампион на крајот од сезоната. Официјално од поодамна е дека Лука Циндриќ во јуни се сели во Кјелце, а Раул Гонзалес го презема ПСЖ. На излезна врата од Вардар, според најавите е и Илија Абутовиќ кој е блиску до потпис со Рајн Некар Левен. Српскиот дефанзивец има договор со „црвено-црните“, но постојат реални шанси тој да биде или веќе е „откупен“ од германскиот шампион. Речиси сигурно, од Скопје заминува и Хорхе Македа. За Шпанецот има понуди од Германија, но последно актуелна е преселбата во ПИК Сегед.

Како трансфер во најава или случајна грешка, германските медиуми пред извесно време, го сместија Жоан Канељас во составот на Хановер. Српскиот пикер Мијајло Марсениќ исто така е на пат кон Бундес лигата. Се уште неофицијално, се споменува речиси завршен трансфер во Фуксе Берлин. Вуко Борозан е под договор со Вардар и неодамна изјави дека ќе остане со „црвено-црните“, но црногорскиот бек го бара половина Европа, па ништо чудно ако и тој во јуни ги спакува куферите…

Кој ќе остане во Вардар после јуни? Има ли актуелниот европски шампион алтернатива за оние што заминуваат? И, што е најважно, ќе има ли Вардар конкурентен буџет за големи засилувања? Оти, нели одливот од Вардар тргна по изјавата на газдата Сергеј Самсоненко дека на крај од сезоната се повлекува од клубот. Иако, потоа, газдата јавно се премисли, штетата веќе беше направена.

vardar slavi barselona

Засега од Вардар нема никаков конкретен потег, ниту пак најава на каде „ќе тече“ европскиот шампион после јуни. Ќе стане ли повторно само обичен тим?!

Факт е дека тимот ќе биде десеткуван, а на ракометниот пазар и не остана нешто многу од големите имиња. Вардар дефинитивно останува без двата носечки столба на шампионскиот успех – Раул Гонзалес и Арпад Штербик. И за нив тешко дека ќе најдат соодветна замена. Засега, и тоа без официјална потврда, прва опција за наследник на Раул на клупата е неговиот сегашен помошник Давид Дејвис. Ако и тој во меѓувреме не летне за Париз. Вечна опција за Вардар и желба на навивачите е на клупата да се врати Веселин Вујовиќ. Но, тоа е засега повеќе на желба отколку на реални шанси за реализација, затоа што Вујовиќ е актуелен селектор на Словенија и тренер на словенечки Копер. И, не е баш на иста линија со актуелното раководство на „црвено-црните“.

raul gonzales so david dejvis

Штербик тешко дека некој ќе може да го замени. И се да биде исто, ако не и подобро…Од оние замени што се споменуваа како опции, Никлас Ландин беше само „пуста желба“ и лош „маркетинг“ за да се амортизира егзодусот. Данскиот голман останува на голот на Кил со парафиран договор до 2021. Отпаѓа и трампата Штербик во Веспрем, Алиловиќ во Вардар, оти Хрватот дефинитивно заминува во ПИК Сегед. Од шпекулациите, како можна опција останува Иван Пешиќ, иако Хрватот има актуелен договор со Мешков Брест до јуни 2019. Втора опција е Словенецот Урбан Лесјак на кого во јуни 2018 година му истекува договорот со Целје.

А, ако остане шпанското влијание во Вардар, опција е и ветеранот Хозе Мануел Сиера, ако не се пензионира по заминувањето од ПИК Сегед.

Во Скопје „беше виден“ и поранешниот голман на Металург, Дарко Станиќ, инаку добар пријател со газдата на Вардар. Со сите голмански квалитети, Станиќ сепак, би бил само за име. Српскиот голман следната сезона ќе има рамно 40 години, а возел или не такси во Белград, факт е дека последниве две сезони Станиќ никаде не брани!  А, дека ќе биде „ист Штербик“, малку тешко.

Се вчитува...