Вардар чека ‘четврта – среќа’ во четвртфинале: Време е за радост по три големи разочарувања

Црната серија на тимот на Вардар од неуспеси во четвртфиналињата од Лигата на шампионите почна токму од реваншот со Фленсбург одигран во Скопје. Сега, со два гола предност од првиот дуел во Германија, дојде време за израмнување на сметките и исполнување на големиот сон – пласман на фајналфор турнирот во Келн. Во пресрет на вечерашниот реванш во СЦ „Јане Сандански“ против стариот должник, еве мало навраќање на четвртфиналните пресметки на „вардарци“ во последните три сезони.

2013/2014

Откако во осминафиналето го елиминираа европскиот првак Хамбург, ракометарите на Вардар одиграа одличен меч и на гостувањето во Фленсбург, каде загубија само со два гола предност (24-22). „Вулканот во СЦ Борис Трајковски“, но во негоа на крајот изгореа „вардарци“, кои триумфираа со два гола разлика (27-25), но Фленсбург се пласираше на Ф4 поради поголем број на голови постигнати на гостински терен. Мечот беше максимално драматичен, Фленсбург имаше предност од 10-15 по првото полувреме, но „црвено-црните“ со фантастична игра се вратија и на три минути до крајот имаа одлични 27-23. Сепак, неискуството си го стори своето, па германскиот тим со пеналот на Егерт си обезбеди место во Келн, каде потоа и се искачи на врвот на Европа.

Словенецот Матијаж Брумен беше најефикасен кај Вардар со седум гола, пред Чипурин со четири, додека Дибиров и Прибак по три пати се запишаа меѓу стрелците. Данецот Егерт, кој се уште го носи дресот на Фленсбург, беше најдобар стрелец на германскиот тим во Скопје со седум гола.

2014/2015

kjelce - vardar 2

При ждребот за четвртфиналето „вардарци“ беа презадоволни што го добија Кјелце за противник, а единствено Арпад Штербик гласно предупредуваше дека Полјаците се исклучително силен тим. Тоа се покажа уште на првиот натпревар во Скопје, на кој Полјаците со одлична игра во одбраната во финишот стигнаа до победа од 20-22. Реваншот се играше во Полска, каде „црвено-црните“ заминаа како аутсајдери, но скапо си ја продадоа кожата. На крајот, реваншот заврши со триумф на Кјелце од 33-31, а најефикасни кај Вардаар беа Душебајев со девет и Карачиќ со седум погодоци. Арпад Штербик и Страхиња Милиќ имаа по седум интервенции на овој реванш дуел.

2015/2016

Идентично како и една година претходно, „вардарци“ шансите за фајналфор си ги загубија уште на првиот натпревар на домашен терен. Против себе го имаа Веспрем, а унгарскиот тим благодарение на одличниот Алиловиќ на голот го освои Скопје триумфирајќи со 26-29. „Црвено-црните“ одиграа одлично прво полувреме, кога имаа и водство од 8-12 среде Унгарија. Сепак, домаќините набрзина се консолидираа, па со подобра игра во второто полувреме стигнаа до реми од 30-30, што значеше и нова елиминација на македонскиот првак на последното скалило пред Ф4 во Келн.

Душебајев со пет гола беше најефикасен кај „црвено-црните“ на тој реванш, пред Шишкарев и Циндриќ со по четири погодоци, додека Дибиров, Манаков и Карачиќ по три пати се запишаа меѓу стрелците.

Се вчитува...