Вардар доминира во СЕХА: Освоена и Белорусија за крај на 2016 - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Фудбал
17/11/2017 15:37
Ракомет
17/11/2017 12:37
Кошарка
17/11/2017 9:55
Фудбал
16/11/2017 15:42

Вардар доминира во СЕХА: Освоена и Белорусија за крај на 2016

Вардар доминира во СЕХА: Освоена и Белорусија за крај на 2016

Ракометарите на Вардар ставија победнички печат на 2016 година откако во последниот официјален натпревар триумфираа на жешкиот терен во Белорусија против Брест Мешков, со убедливи 30-35. Мотивирани од фактот дека во првото коло овој ривал успеа да им извлече реми среде Скопје, „вардарци“ попладнево одиграа извонреден натпревар, целосно го контролираа резултатот и заслужено стигнаа до бодовите со кои уште повеќе се зацврстија на првото место на табелата.

Како пресудни се покажаа првите десетина минути, во кои избраниците на Раул Гонзалес целосно ги надиграа своите ривали и дојдоа до одлична предност. Одбраната на чело со Штербик функционираше беспрекорно, па Вардар веќе во 9. минута преку Душебајев стигна до предност од четири гола (2-6). Домаќините само за момент се разбудија и ја преполовија разликата на 7-9, но потоа следеше фантастична серија на Вардар од шест погодоци во низа со што практично беше решено и прашањето на победникот.

На одмор се замина со убедливи 12-19 за македонскиот шампион, по што преостанатите 30 минути минаa во одржување на таа предност. Гонзалес го уфрли Ангелов на голот на местото на Штербик, домаќините дојдоа до „минус четири“ (27-31), но Вардар одговори со сопствена мини-серија со која стави крај на сите надежи на Брест за евентуален камбек во натпреварот.

Мечот заврши со конечни 30-35, а по пет гола постигнаа дури петмина ракометари на Вардар: Карачиќ, Душебајев, Дибиров, Борозан и Чупиќ.

Македонскиот првак по првите 15 кола собра 38 бода и апсолутно заслужено се наоѓа на првото место на табелата.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.