Вардар е директно во четвртфинале, „лавовите“ пак се „лизнаа“

Вардар дефинитивно ќе ја заврши оваа сезона на првата позиција во групата Б, откако главниот ривал Некар Левен одигра уште еден разочарувачки натпревар, губејќи на домашен терен од Пик Сегед со резултат 24-30. Така, „црвено-црните“ уште пред својот последен натпревар, што ќе го играат викендов на домашен терен со Кристијанштад, си го осигураа првото место, кое значи директен пласман во четвртфиналето од елитното европско натпреварување.

Некар Левен дефинитивно се наоѓа вo криза, тоа беше очигледно и во текот на денешната средба на која делуваа непрепознатливо и во нападот и во одбраната. По првото полувреме резултатот гласеше 12-14, за гостите да го отворат вториот дел со серија од 2-6 и да создадат солидна предност што лесно ја контролираа до самиот крај.

Калман со седум и Бахниди со шест гола беа најефикасни кај гостите, додека прв стрелец на Некар Левен беше Пекелер со шест погодоци. Дејан Манасков се најде во составот на „лавовите“, но македонскиот репрезентативец не се запиша меѓу стрелците во ова потпросечно издание на својот тим.

Се вчитува...