Вардар е незапирлив, „деветка“ за Нексе во Хрватска

Ракометарите на Вардар серијата одлични игри од Лигата на шампионите ја пренесоа и во СЕХА, каде во својот осми меч „црвено-црните“ ја забележаа и осмата победа. Овојпат за противник го имаа Нексе, тим што знае да биде многу незгоден со нападот „седум на шест“, но за кој Раул Гонзалес уште еднаш покажа дека знае како да ја постави играта во дефанзива, па на крајот да се радува на лесна и убедлива победа, изразена со конечни 21-30.

Хрватскиот состав им создаваше проблеми на „вардарци“ само во првата половина од првото полувреме, период во кој Нексе речиси цело време имаше минимална предност. А потоа Вардар влезе во својот препознатлив ритам, ја стегна одбраната на чело со Милиќ, постигна лесни голови, па на одмор замина со 11-16. Во последните единаесет минути од првото полувреме домаќините постигнаа само два погодоци, пред се благодарение на одличниот Милиќ, кој им одбрани и неколку зицери од контранапади.

kristopans nekse

Бранителот на трофејот во СЕХА во ист ритам продолжи и во второто полувреме, за што најдобар доказ беше ситуацијата во 40. минута, кога домаќините имаа играч повеќе на теренот, но ја загубија топката поради пасивна игра, не наоѓајќи начин да упатат шут кон голот на Вардар. Предноста продолжи да се зголемува, а Раул Гонзалес во финишот им даде шанса и на дел од резервните играчи, како голманот Ѓорѓески, крилото Мартин Поповски и Војводиќ, за на крајот овој натпревар да заврши со убедливи 21-30 за македонскиот првак.

Милиќ го заврши мечот со 12 успешни интервенции, а најефикасни кај „црвено-црните“ беа Кристопанс со шест и Циндриќ и Чупиќ со по пет погодоци.

Се вчитува...