Вардар е пак на Ф4, но со ваква игра не се стигнува до тронот

ЖРК Вардар четврта година по ред ќе биде дел од фајналфор турнирот од Лигата на шампионите, откако македонскиот првак денеска повторно беше подобар од Митјиланд со резултат 26-24, со две победи обезбедувајќи си унгарска виза. „Црвено-црните“ повторно ќе се борат за големиот трофеј, но за да стигнат до него ќе треба да се покажат во далеку подобро светло отколку на денешниот реванш во кој за малку ќе направеа „од готово вересија“, дозволувајќи му на данскиот состав да стигне до водство од три гола во второто полувреме. Човиќ и Суслина беа креаторки на пресвртот со кој „вардарки“ ја продолжија традицијата да бидат дел од завршниот турнир во елитното европско натпреварување.

Уште од самиот почеток стана јасно дека „црвено-црните“ ќе имаат проблеми да ја оправдаат улогата на апсолутен фаворит што им беше доделена пред овој реванш. Лејно бранеше добро на стартот, но почетничките грешки на избраничките на Дибирова беа причина да завладее сериозна тензија во играта на македонскиот првак. По водството од 3-1 „вардарки“ не водеа со повеќе од еден гол до крајот на полувремето. При предност од 11-10 Радичевиќ промаши зицер на две минути до крајот, по што Митјиланд се врати и гостинките на одмор заминаа со водство од 11-12.

vardar-midtjyland (23)

Охрабрени од ваквиот резултат, Данките фуриозно го понаа и вториот дел, па дури и со ракометарка помалку на теренот поведоа со 12-15. Гостинките дури имаа и напад за „плус четири“, но наивно ја загубија топката, по што Мавсар од контранапад намали на 13-15, означувајќи го почетокот на подобра игра на македонскиот клуб. Набрзина предноста на Митјиланд се истопи,а „црвено-црните“ дојдоа до предност, по што искусно го контролираа резултатот, поведувајќи со 25-21. Во тоа им помогна Суслина, која влезе во второто полувреме, исто како и Андреа Човиќ, која беше извонредна со шест погодоци во вториот дел.

Проблемите настанаа на помалку од пет минути до крајот, кога Митјиланд намали на 25-23,  Пенезиќ беше исклучена. Данките стигнаа и до 25-24, но Лекиќ погоди во значаен момент, потоа Суслина го одбрани ударот на Јоргенсен, со што беше осигурана победата, изразена со конечни 26-24.

Човиќ и Пенезиќ беа најефикасни со по шест постигнати гола, пред Лекиќ со четири погодоци, додека Јоргенсен беше прв стрелец на Митјиланд, исто така со шест погодоци.

Резултат сигурно радува, но играта загрижува ако се знае дека „вардарки“ за петнаесетина дена во Будимпешта ќе имаат значително посериозни ривалки од денешниот дански состав. Целта повторно ќе биде освојување на тронот на Европа, но ако се одигра вака ќе следи реприза од последните три години и елиминација уште во полуфиналето.

Фајналфор турнирот во Будимпешта ќе се одржи на 6 и 7 мај, а „вардарки“ во текот на следната седмица ќе го дознаат името на својот противник во полуфиналето.

Се вчитува...