Вардар е во шок, доби лекција од Некар Левен

Неизвесноста која владее околу иднината на РК Вардар и најавеното повлекување на Сергеј Самсоненко од трофејниот македонски колектив дефинитивно влијае врз атмосферата и игрите на „црвено-црните“ на стартот од подготвителниот период. Така, по вчерашниот неочекуван пораз од германскиот второлигаш Бергишер со 25-27, „вардарци“ денеска повторно доживеаја неуспех на турнирот во Гумесбах, губејќи од Некар Левен со преубедливи 25-34.

„Црвено-црните“ се далеку од натпреварувачки ритам, но јасно е дека ова мора да биде сериозно предупредување во пресрет на Суперглоуб натпреварувањето во Доха на кое македонскиот состав по европската ќе ја напаѓа и светската клупска ракометна круна. За да дојде до неа ќе мора да се покаже во далеку подобро светло, откако денеска „вардарци“ одиграа далеку под своето ниво, како во нападот, така и во одбраната, овозможувајќи им на противниците да постигнат бројни лесни погодоци.

По првото полувреме Вардар имаше негатива од четири гола (10-14), за потоа „лавовите“ за петнаесетина минути да стигнат и до двоцифрена предност, по што тимот на нашиот Филип Талески рутински го приведе мечот кон крај.

Се вчитува...