Вардар го „раскрчмува“ тимот: Фелипе заминува сред сезона, на ред се Барсегјан и Хамбарџумјан!

По скандалозната „распродажба“ на трофеите, Вардар навлегува во фаза на премолчено комплетно доуништување на сопствениот состав… Сето тоа пропратено со целосна затвореност на раководството за јавноста, и како што веќе се насетуваше, со во суштина огромни промени во црвено-црниот состав за следната сезона.

По претходните дозволи за заминување на целокупниот млад капитал, Николов, Муслиу, Демири, Петковски, Личина…, и веќе најавените заминувања од клубот на Велковски и Стојчевски во јуни, сега се почнува со дополнително „раскрчмување“ на составот сред сезона. Од клубот, на цели 12 кола до крајот, деновиве заминува и најдобриот фудбалер Хуан Фелипе кој добива раскин на договорот со клубот по взаемен договор.

Бразилецот во Вардар пристигна од редовите на ЦСКА Софија при што отворено се наметна како еден од најдобрите фудбалери во македонскиот шампионат. Симптоматична ситуација меѓу Вардар и Хуан Фелипе имаше уште за време на зимската пауза кога Бразилецот доцнеше на подготовките повеќе од две недели. Од клубот се обидоа сето тоа да го релативизираат, но за добрите познавачи уште тогаш беше јасно дека има проблем на релација Фелипе – Вардар, пред се од финансиски аспект… Сето тоа се почувствува и од игрите на Бразилецот оваа пролет.

Но, заминувањата од Вардар не завршуваат само со Хуан Фелипе. Веќе отворена е најавата за заминување од клубот и на ерменските репрезентативци Тигран Барсегјан и Хофханес Хамбарџумјан. Според нашите информации, заедничкиот менаџер на Ерменците веќе добил известување од јуни дека и двајцата ќе може да бараат за себе нови средини. Хамбарџумјан, поради караницата со Чедомир Јаневски, веќе е и под суспензија од клубот.

А, заминување од клубот во јуни е извесно и за српскиот интернационалец Вања Марковиќ кој е далеку од сериозно засилување за Вардар. Договорот му завршува и на Дејан Блажевски.

Се вчитува...