Вардар и Будуќност во дерби без резултатска важност

Ракометарките на Вардар денеска (19.30 ч.) во Подгорица и гостуваат на екипата на Будуќност, во последниот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионките. Ова традиционално дерби меѓу македонскиот и црногорскиот првак, овој пат е без резултатска важност бидејќи не менува ништо на конечниот распоред на табелата.

Вардарки веќе го обезбедија првото место во групата пред четвртфиналето во ЛШ, а Будуќност без разлика на резулатот од денешниот натпревар, останува на четвртата позиција. Во претходната рунда, Вардар славеше против Битигхајм (30-22) и ја потврди лидерската позиција, а Будуќност со победата против Турингер (25-24) обезбеди четвртфинале.

Тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ, најави дека неговиот тим ќе настојува да одигра со полна сила против првиот фаворит, без разлика што овој дуел нема предзнак – решавачки.

„Очекувам Вардар да биде максимален и во овој натпревар, кој не е решавачки. Но, и дека ние ќе покажеме дека сме блиску и дека можеме да одиграме натпревар кој нема да биде како првото полувреме во последниот дуел од Регионалната лига или како првата пресметка во Лигата на шампионите сезонава. Се опоравивме од натпреварот и исцрпувачкиот пат во Нордхаузен и верувам дека ќе може да пружиме максимум во овој дуел. Вардар е еден од фаворитите и досега најуспешен тим во Лигата на шампионите. Натпреварот не е резултатски важен, но е дерби кое секогаш извлекува максимум“ – истакнува Аџиќ.

Ова ќе биде 11.меѓусебен дуел на Вардар и на Будуќност во Лигата на шампионите. Во досегашните десет натпревар, Будуќност има пет, Вардар четири победи, а еден меч завршил нерешено.

Се вчитува...