Вардар ја напаѓа Барселона за прва победа во „Блауграна“

Во „мечот на колото“ во Лигата на шампионите, Вардар денеска (18 ч.) и гостува на Барселона, во обид да ја продолжи фантастичната серија без пораз и за прв пат во најелитното натпреварување да ја освои култната „Блауграна“. Дуелот меѓу актуелниот европски шампион и трофејниот клуб со најмногу титули во ЛШ е интересен за европската ракометна јавност од многу аспекти.

Вардарци се единствената непоразена екипа во ЛШ сезонава и моментно се на лидерската позиција во групата со 18 бода, три повеќе од второпласираниот Нант и шест бода повеќе од Барселона. Победа на денешниот дуел за Вардар ќе значи зацврстување на прво место во групата и чекор поблиску до директниот пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Триумф и тоа како и е потребен и на Барселона за да остане во игра за првото место и да чека грешка на конкурентните за лидерската позиција што обезедува директно место во Топ 8 во ЛШ.

„Вардар е тим што може да стори многу, има добри играчи на сите линии, може да удвојат позиции, играат одлично „еден на еден“ и има многу добри шутер“ – истакна тренерот на Барселона, Чави Пасквал во пресрет на денешниот натпревар.

За Вардар и за Барселона ова ќе биде вкупно 13 меѓусебен дуел во најелитното европско натпреварување. Вардарци имаат победи на последните две средби и едно реми од пред четири години. Сите останати дуели беа во знакот на Барселона. „Црвено-црните“ ја победија Барселона во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн со голот на Циндриќ во последните секунди (26-25), а беа поуспешни и на првиот меч од оваа сезона на домашен терен (27-24).

За двете екипи кои имаат голем број репрезентативци во своите редови, ова ќе биде прв дуел во ЛШ по зимската пауза и настапите на Европското првенство во Хрватска. На голот на Барселона е македонскиот голман Борко Ристовски, а Вардар пак во своите редови ги има „златните“ Шпанци од ЕП – Арпад Штербик и Жоан Канељас, плус Хорхе Македа и Раул Гонзалес на клупата. Или заедно, утре на терен ќе бидат вкупно седум репрезентативци од редовите на новиот европски шампион. Покрај двајцата вардарци, на другата страна во составот на Барселона се: Раул Ентрериос, Гонзало Перез де Варгас, Виран Морос, Валеро Ривера и Аитор Арињо.

Во составот на Вардар на денешниот дуел се враќа Вуко Борозан кој паузираше поради повредите со кои се здоби во сообраќајната несреќа во декември. Барселона има многу посеризони проблеми со повредите пред пресметката со Вардар. Рековалесценти во составот се Јуре Доленец, Тимоти Нгесан и голманот Гонзало Перез де Варгас, а на терен ќе го нема Арон Палмарсон кој се повреди и паузира три седмици.

Во борбата за првото место во групата, интересен е и податокот дека Барселона три од последните четири натпревари од групната фаза, вклучувајќи го и денешниот со Вардар, ќе ги игра на домашен терен, а само еден во гости против Кристијанштад. Вардар пак има две тешки гостувања и тоа кај главните ривали, прво кај Барселона, а потоа и кај Нант, а на домашен терен ги пречекува ПИК Сегед и Висла Плоцк.

Се вчитува...