Вардар ќе брка „минус три“, „унгарскиот ѕид“ делува страшно

Вардар ќе брка негатива во второто полувреме од големото финале во Будимпешта откако Ѓер по првите 30 минути стигна до водство од 15-12. „Црвено-црните“ одлично го почнаа натпреварот, но потоа се соочија со огромна криза во нападот, повеќе од десет минути беа без постигнат погодок, а унгарскиот ракометен џин знаеше како да го искористи тоа и да стигне до солидна позитива.

Мечот почна со многу пресврти, „вардарки“ поведоа со 0-1, потоа и со 1-2, но Ѓер ги искористи неколкуте технички грешки во серија, па унгарскиот состав прв дојде до „плус два“, поведувајќи со 5-3 во седмата минута од ова финале. Дибирова веднаш ја повлече Лејно и ја стави Суслина на голот, но Ѓер ја продолжи својата серија со гол на Аморим за 6-4.

Лакабрер влезе во игра на местото на Лазовиќ и „црвено-црните“ експресно израмнија на 6-6, по што се влезе во ритам „гол за гол“. Во 17. минута првото исклучување во финалето го доби Лакабрер за стартот врз Грот, a Ѓер знаеше како да го искористи тоа, па за нешто повеќе од две минути домаќинките поведоа со три гола предност (13-10). „Вардарки“ се повеќ се мачеа против цврстата одбрана на Ѓер, во игра влегоа и Хмирова и Херем, а во 22. минута прво исклучување добија и Унгарките, откако две минути на „ладење“ беше испратена Аморим.

Дури и со играч повеќе македонскиот првак не успеа да упати шут, очигледно беше дека самодовербата да се тргне кон Гримзбо значително се намали. Алтхаус беше исклучена, па Нора Мерк погоди за 14-10, а “црвено-црните“ ја минаа и границата од десет минути без постигнат гол. Овој „пост“ конечно го прекина Камила Херем со својот прв гол, за намалување на 14-11. Храброста се врати, во следниот напад погоди Пенезиќ за 14-12, по што „вардарки“ од идеална шанса не шутираа во празен гол, по што при позиционен напад ја загубија топката.

Тренерот на Ѓер побара тајмаут на една минута до крајот, Унгарките потоа реализираа, „вардарки“ несмасни во последниот напад, па во второто полувреме ќе се влезе со резултат 15-12.

Анита Гербич е клучен игра во ова финале кај Ѓер со пет гола од исто толку обиди, Грот постигна три гола, додека кај Вардар Пенезиќ има три, а Радичевиќ и Лакабрер по два погодоци.

Се вчитува...