Вардар лесно до победа, Панчево ги виде европските шампиони

Ракометарите на Вардар забележаа нова рутинска победа во рамките од СЕХА-лигата, сосема очекувана ако се знае дека против себе го имаа Динамо Панчево (23-27), еден од најслабите тимови во регионалното натпреварување. Раул Гонзалес можеше да си дозволи да одмори дел од првотимците, Тимур Дибиров воопшто и не отпатува за Србија, но „црвено-црните“ и со комбиниран тим успеаја да слават на оваа средба.

Ракометните фанови од Панчево имаа можност на дело да ги видат европските шампиони, кои уште од раната фаза успеаја резултатски да се одлепат, па потоа без преголем притисок го контролираа резултатот. На одмор се замина со водство на „вардарци“ од 9-13, за потоа македонскиот првак за кратко време во вториот дел да зголеми на 10-17. Остатокот беше рутина, „вардарци“ не притискаа, домаќините не дозволија предноста да стане двоцифрена, па овој натпревар заврши со резултат 23-27.

Репрезентативецот Мартин Поповски со шест гола беше најефикасен, пет постигна Криштопанс, додека Милиќ на голот на „црвено-црните“ имаше девет успешни интервенции. „Вардарци“ веќе ја имаат осигурано првата позиција во пресрет на Ф4 турнирот, а до крајот на сезонава ги очекуваат уште две средби во СЕХА, на гостински терен со Војводина и дома против Нексе.

Се вчитува...