Вардар не се предава никогаш, освоен голем бод во Веспрем - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Кошарка
28/07/2017 0:03
Ракомет
27/07/2017 20:56
Фудбал
27/07/2017 20:21
Ракомет
27/07/2017 13:26

Вардар не се предава никогаш, освоен голем бод во Веспрем

Вардар не се предава никогаш, освоен голем бод во Веспрем

Вардар остана непоразен во СЕХА-лигата откако македонскиот првак одигра 28-28 на најтешкиот натпревар во регионалното натпреварување, гостувањето против Веспрем. „Црвено-црните“ покажаа извонреден карактер враќајќи се од негатива од четири гола, воедно од „минус три“ на помалку од три минути до крајот, за да стигнат до големо реми со кое направија огромен чекор кон осигурување на првото место на табелата во СЕХА.

Натпреварот почна извонредно за македонскиот шампион, откако „вардарци“ заиграа одлична одбрана на чело со Петар Ангелов на голот, па по неполни осум минути поведоа со 0-4. Следеше тајмаут на Сабате, по што домаќините се консолидираа и почнаа да влегуваат во ритам кога станува збор за играта во напад. Ангелов бранеше одлично во првото полувреме (десет интервенции), успевајќи да го одржи Вардар во водство и покрај бројните грешки што во нападот ги правеа членовите на македонскиот првак. Веспрем во неколку наврати имаше и ракометар помалку на теренот, но „вардарци“ не знаеја да го искористат тоа, па на одмор се замина со израмнети 12-12, со голот на Илиќ во 28. минута.

vesprem vardar3 karacic

Веспрем своето прво водство на натпреварот го имаше во 31. минута, откако Маргуч од „цепелин“ го совлада Ангелов. Тоа беше најава за одличното второ полувреме во кое европскиот вицешампион многу полесно го наоѓаше патот до мрежата на ветеранот. Вардар добро парираше се до 16-16, а клучни моменти беа трите промашувања во низа на Шишкарев, откако руското крило не успеа да го надмудри младиот унгарски голман Борбели, последниот пат со обид за лоб што беше прочитан од страна на домашниот чувар на мрежата.

Веспрем доби ветер во грб, па домаќините набрзина стигнаа и до позначајна предност, поведувајќи со 20-17. Сулиќ заслужено доби црвен картон по еден брутален старт врз Карачиќ, но Унгарците набрзина дојдоа и до четири гола предност (22-18) откако Наѓ го совлада Ангелов. Раул Гонзалес го повлече Македонецот од голот и му даде шанса на Милиќ, „вардарци“ ја преполовија разликата, па во последните пет минути се влезе со водство на Веспрем од 27-25, откако Дибиров промаши пенал. Момир Илиќ влезе во ритам токму во последните десетина минути, но Вардар собра сили и со голот на Циндриќ намали на 28-27 на две минути до крајот. Судиите ги налутија домашните навивачи досудувајќи сомнителен прекршок во напад на Нилсон врз Борозан. Гонзалес зеде тајмаут, а Вардар одигра одличен напад при што Марсениќ изнуди пенал на пет секунди до крајот. Карачиќ ја зеде топката, успеа да го совлада домашниот голман и донесе голем бод за „црвено-црните“ на ова пеколно тешко гостување.

Илиќ со шест и Иванчик со пет гола беа најефикасни кај домаќините, а најдобри поединци кај Вардар на овој натпревар беа Циндриќ со шест и Борозан со пет гола, двајца без ниту едно промашување.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.