Вардар падна во празно Тетово, Победа победи од пенал ’пред да ѕвони’

Шкендија го совлада Вардар со 3-1 во дербито на 29.коло од Првата лига кое се одигра пред празни трибини во Тетово. Со тоа ја намали негативата во однос на лидерот на десет бода, во пресрет на завршницата од шампионатот. Пелистер ремизираше (1-1) против Брегалница во Штип, а Победа со гол од пенал во последните моменти од мечот го совлада Силекс со 1-0. Ренова беше убедлива (1-3) на гости против Македонија ЃП.

skendija so vardar 2

Дино Меѓедовиќ во 16.минута ја доведе Шкендија во водство, а Боарето израмни пред крајот на првиот дел. Сепак, Бесарт Ибраими со два гола, во 64. и во 82.минута и донесе триумф на Шкендија над големиот ривал.

Брегалница и Пелистер одиграа 1-1 во Штип. Штипјани поведоа со автоголот на Јасмин Мециновиќ во 28.минута, кој постави нога по центрашутот од левата страна и ја смести топката во сопствената мрежа. Но, Пелистер израмни на почетокот на вториот дел, преку Лукас Кардосо во 51.минута од средбата. Истиот фудбалер имаше одлична шанса за водство во 66.минута, но не беше прецизен, а свои шанси имаше и Брегалница преку Велковски, Вучетиќ и Ранџеловиќ.

bregalnica so pelister 3

Ренова многу брзо ја заврши работата во Ѓорче Петров, а на крајот славеше со 1-3. Висар Муслиу го отвори резултатот во втората минута, постигна и втор гол три минути подоцна, а Стојанче Велинов во 13.минута третпат стрелаше за „гипсарите“. Беше јасно кој ќе ги освои бодовите на овој меч. Во последните моменти од мечот, Валмир Јонузи постигна почесен погодок за Македонија ЃП.

Победа конечно го прекина „постот“ и постигна гол на Могила. И тоа од пенал, во судиското продолжение, за триумф од 1-0 против Силекс. Стрелец на пеналот беше Јорданчо Наумоски во 94.минута. Претходно, Благоја Гешоски заработи црвен картон во таборот на прилепчани. Тој требаше да биде ’пеналџија’, но физички се пресмета со Недељковиќ, кој му ја шутна топката што беше наместена на пеналтикот. Потоа Јордначо Наумоски го изведе пеналот и погоди.

Колото ќе биде заокружено утре, со натпреварот меѓу Работнички и Шкупи, кој ќе се одигра на стадионот во Ѓорче Петров, со почеток во 16 часот.

ПРВА ЛИГА, 29.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – ВАРДАР 3-1

БРЕГАЛНИЦА – ПЕЛИСТЕР 1-1

МАКЕДОНИЈА ЃП – РЕНОВА 1-3

ПОБЕДА – СИЛЕКС 1-0

УТРЕ: РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ

Табела: Вардар 68, Шкендија 58, Работнички 47 (-1), Пелистер 41, Ренова 41, Силекс 36, Шкупи 29 (-1), Победа 26, Брегалница 20, Македонија ЃП 19.

Се вчитува...