Вардар победнички маршираше низ Чаир, Пелистер владее со Пелагонија

Актуелниот шампион Вардар победнички маршираше и низ Чаир, совладувајќи го Шкупи со 0-2. Шкендија само ремизираше (1-1) против Силекс во Кратово, а Пелистер го доби пелагониското дерби против Победа со 1-0. Најубедлива беше Ренова, која со 4-0 ја декласира Брегалница во Тетово.

Jasir Asani - Svercer

На Чаир, вардарци ги пречекаа преку 5.000 навивачи на домашниот тим, меѓу нив и екс-вардарецот Јасир Асани, но фудбалерите на Гоце Седлоски воопшто не се исплашија. „Црвено-црните“ поведоа со голот на Боарето во 20.минута од натпреварот, а на почетокот на второто полувреме Тигран Барсегјан постигна и втор гол за Вардар, со што дуелот беше решен.

Skupi - Vardar 5

Силекс успеа да остане непоразен против Шкендија во Кратово, играјќи 1-1. Кристијан Филиповски на самиот почеток од вториот дел донесе водство за Силекс против фаворитот, но Жуниор израмни само две минути подоцна. На крајот, и двете екипи поделија по еден бод.

Пелистер беше подобар ривал на пелагониското дерби под „Тумбе кафе“ и ја совлада Победа со 1-0. Конечно го скрши малерот од последните неколку кола. Баже Илијоски и Ковачев не реализираа колосални шанси за „зелените“ во вториот дел, но потоа во игра влезе Иве Трифуновски и ја реши работата во 78.минута. Лукас го проигра Петров, тој одигра повратно за Иве Трифуновски, а „џокерот“ на Шенсои во својот прв допир со топката по влегувањето постигна погодок.

Ренова ја совлада Брегалница со 4-0. Ненад Мишковски во 16.минута го отвори резултатот, а Стојанчо Велинов во 65.минута и по вторпат ја затресе мрежата на штипскиот прволигаш, за сигурен триумф на домаќинот. Во завршницата, Валмир Нафиу реализираше пенал во 85.минута, а потоа и погоди и во 90.минута, за конечни 4-0.

Вчера, Работнички и Македонија ЃП одиграа 1-1.

ПРВА ЛИГА, 28.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКУПИ – ВАРДАР 0-2

СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 1-1

ПЕЛИСТЕР – ПОБЕДА 1-0

РЕНОВА – БРЕГАЛНИЦА 4-0

ВЧЕРА: РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1

Табела: Вардар 68, Шкендија 55, Работнички 47, Пелистер 40, Ренова 38, Силекс 36, Шкупи 29, Победа 23, Брегалница 19, Македонија ЃП 19.

Се вчитува...