Вардар потврди, Фелипе си замина: Бадијала дресот до 2020

Бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе Алвес и фудбалскиот клуб Вардар се договорија спогодбено да го раскинат договорот, објави актуелниот македонски првак. Тој имаше потпишано договор до 2020 година, но поради неразјаснети околности, разделбата се случи многу порано. А, пред неколку месеци се фотографираше со дресот на Вардар, промовирајќи го договорот до 2020 година.

„Фелипе беше дел од Вардар од летото 2015 година, кога пристигна од таборот на ЦСКА Софија. Во досегашните нешто повеќе од две и пол сезони, фудбалерот од средниот ред на изминатите 112 натпревари, постигна 28 голови во „црвено-црниот“ дрес.

Фудбалскиот клуб Вардар му се заблагодарува на Фелипе за досегашниот придонес во „црвено-црниот“ дрес, за неговите одлични настапи во првенството, Купот, во Европа во Лигата на шампионите и во историските мечеви од групната фаза од Лигата на Европа. Неговите голови против Розенборг, против Шкендија, асистенцијата со Фенебахче кога ја запишавме историјата со победата во Истанбул, вечно ќе останат запишани во меморијата на сите кои го сакаат и навиваат за овој клуб. Беше чест што го имавме во составот во овие изминати сезони и уживавме во неговите настапи, голови, аситенции“, објави ФК Вардар на својот официјален сајт.

Се вчитува...