Вардар против Веспрем во финалето, Мешков испадна на пенали

ЕКИПА во Брест,

Томас Ѓоргиевски

Веспрем е тимот што ќе му се спротивстави на Вардар во големото финале од СЕХА-лигата, откако унгарскиот гигант вечерва по огромна битка, дури по изведување на пенали успеа да го совлада Мешков Брест со конечни 33-31 (натпреварот по 60 минути игра заврши 29-29). Криштопанс беше трагичарот на домаќинот на овој фајналфор промашувајќи го клучниот пенал во четвртата серија, овозможувајќи в недела во Брест да следиме реприза на ланското финале во Вараждин, кога Веспрем беше подобар од Вардар.

Првото полувреме мина во израмнета битка, при што двете екипи често се менуваа во водство. Веспрем ги имаше најубедливи 7-4, но белорускиот првак експресно возврати, па во 16. минута преку Рутенка поведе со 8-9. Унгарците повторно се консолидираа, поведоа со 12-10 пред крајот на полувремето, но следеше нова мини-серија на Мешков, па со головите на Шилович и на Стојковиќ на одмор се замина со израмнети 14-14.

Осоколени од одличниот финиш на првото, домашните ракометари одлично го почнаа и второто полувреме, па со серија од 5-2 во првите пет минути поведоа со 17-14. Веспрем се врати откако Мешков остана со двајца играчи помалку (едниот поради груб старт, другиот поради неправилна замена), по што бранителот на трофејот преку Маргуч и Лекаи стигна и до два гола предност (25-23). Белорусите бодрени од верните навивачи во преполната сала возвратија, влегувајќи во неизвесен финиш (27-27 на нешто повеќе од пет минути до крајот).

Веспрем во завршницата доби две исклучувања во низа, но Палмарсон со извонредна финта се ослободи од белоруските ракометари и погоди за водство од 29-28 на две минути до крајот. Мешков возврати преку Рутенка за 29-29, а потоа Веспрем не го искористи својот последен напад, по што домашниот тим доби шанса за победа на десетсекунди до крајот. Бебешко зеде тајмаут, но белорускиот орвак одигра конфузно, пропуштајќи ја шансата, по што финалистот беше решен со пенал-рулет.

Алиловиќ беше херојот откако во втората серија го одбрани ударот на Бабичев, откако претходно Илиќ и Гајиќ беа прецини за унгарскиот состав. Сепак, Маргуч во третата серија не успеа да го совлада Пешиќ, по што Вукиќ израмни на 2-2. Веспрем го смени голманот, па Миклер во четвртата серија го запре Криштопанс, за Нилсон потоа да ја протне топката низ нозете на Пешиќ за конечна победа од 33-31 за бранителот на трофејот во СЕХА-лигата.

Утре е слободен ден на Ф4 турнирот во Мешков, а големото финале меѓу Вардар и Веспрем на програмата е в недела со почеток во 20 часот.

Се вчитува...