Вардар рутински супериорен против Целје во СЕХА

По неделниот пораз од Барселона во Лигата на шампионите, Вардар брзо се врати во победнички ритам со убедлив триумф против Целје со 35-27, во регионалната СЕХА лига. За „црвено-црните“ ова е 13 победа во 14 одиграни натпревари со која се зацврстуваат на првото место на табелата со девет бода предност пред второпласираниот ППД Загреб. Само неколку минути на вардарци има беа доволни да го скршат отпорот на словенечкиот тим и уште во првиот дел да направат недостижна предност. Во составот на Вардар на овој меч ги немаше Игор Карачиќ и Иван Чупиќ, а Арпад Штербик одмараше на клупата, но тоа воопшто не беше пречка „црвено-црните“ да запишат нова убедлива победа.

По изедначениот старт, вардарци до првото водство дојдоа во 7 минута кога поведоа со 3-2, а веќе во следниот напад Хорех Македа ја зголеми предноста на „црвено-црните“. Страхиња Милиќ на голот на Вардар одбрани еден седмерец и неколку зицери што донесе дополнителна сигурност кај домаќините и отвори можност за лесни погодоци. Вардарци ефектно ја казнуваа секоја грешка на противникот, постигнаа четири гола во серија и по првата четвртина веќе имаа предност од 8-3.

На десетина минути пред крај на првиот дел, со третиот погодок на Мартин Поповски, „црвено-црните“ веќе имаа двојно повеќе голови од Целје и водство од 12-6. Вардар наметна свој ритам, имаше целосна контрола на играта и речиси рутински без премногу напор, константно ја зголемуваше предноста. Во листата на стрелците во овој дел од натпреварот се запиша и голманот Страхиња Милиќ. На десетте одбрани. Милиќ додаде и еден ефектен погодок на празниот гол на гостите за водство на Вардар од 16-7. На една минута пред крај на полувремето, вардарци прв пат дојдоа до двоцифрена предност (18-8), а со +10 го завршија и првото  ефикасното полувреме (20-10).

Успешната серија на Страхиња Милиќ на голот на Вардар продолжи и во второто полувреме, а продолжи и голгетерската серија во нападот на „црвено-црните“. Со голот на Тимир Дибиров во 34.минута, Вардар одново имаше двојно повеќе погодоци од противникот (22-11). Малото опуштање кај вардарци и неколкуте успешни интервенции на гостинскиот голман им овожможи на ракометарите на Целје да постигнат четири гола во серија и да ја намалат разликата на 22-15. Но, тоа беше само ркатка епизода на словенечкиот состав. Вардарци брзо се консолидираа и се вратија на сигурната предност од 9-10 гола.

Последната четвртина беше само формалност во дуелот во кој победникот беше одамна решен. Домаќините во завршниот дел влегоа со предност од 27-17. Целје пред се благодарение на ефикасниот Борут Мачковшек во финишот успеа да ја намали негативата и малку да го ублажи поразот на конечните 35-27.

Извонредна партија на голот на Вардар имаше Страхиња Милиќ со 14 одбрани. Најефикасен во нападот беше Тимур Дибиров со седум гола, а максимално прецизен беше Мартин Поповски со шест од шест. Тимот на Целје го предводеше Борут Мачковшек со 11 погодоци.

Во следното коло од регионалната СЕХА лига, Вардар на 27 февруари му гостува на ППД Загреб.

Се вчитува...