Вардар се мачеше 20 минути, па го скрши отпорот на Гашаран

Ракометарите на Вардар се пласираа во полуфиналето од Суперглоуб во Катар, откако стигнаа до рутинска победа над Гашаран од Иран со убедливи 30-22. „Црвено-црните“ ја оправдаа фаворитската улога откако дваесетина минути се мачеа да ја пробијат одбраната на противникот, за потоа со леснотија да се одлепат резултатски и без многу мака да обезбедат пласман во следната рунда, чувајќи дел од силите и за следниот дуел со Барселона.

Иранците успеваа да одржат резултатска неивесност се до 19. минута, кога резултатот гласеше 9-8. Потоа одбраната 5-1 со Дибиров како најистурен почна да функционира и овозможи лесни погодоци, па на одмор се замина со пет гола предност на „вардарци“ (15-10). Откако Раул Гонзалес го виде на дело противникот (за кого претходно призна дека нема поконкретни информации), многу полесно постави противигра, па македонскиот тим доминираше од самиот почеток на второто полувреме, веќе во 35. минута поведувајќи со 19-11. Набрзо потоа „црвено-црните“ дојдоа и до девет гола предност (22-13), по што следеше опуштање и неколку наивни грешки по што противникот постигна три гола во низа.

Голманот Милиќ истрча и пресече топка за контранапад на Иранците, по што Македа постигна гол за да ја прекине серијата на противникот. Темпото на „вардарци“ сепак беше нарушено, па „црвено-црните“ не стигнаа до двоцифрен триумф, туку со рутинска игра ја одржуваа разликата, се до конечните 30-22, поставени со голот на Македа во последната секунда.

„Црвено-црните“ за противник во полуфиналето ќе ја имаат Барселона, ривалот што го совладаа во полуфиналето од Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во Келн.

Се вчитува...