Вардар со победа стави точка на шампионската година

Во 11.коло од регионалната СЕХА лига, ракометарите на Вардар триумфираа против Горење со 24-30  на гостувањето во Словенија и со победа ја завршуваат шампионската 2017 година. Сезонава „црвено-црните“ се без пораз во 19 натпревари во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата. Со оваа 11.победа по ред во регионалното натпреварување, Вардар се зацврстува на лидерската позиција на табелата.

_JK17404_original

И со редуциран тим, без Борозан, Дибиров, Карачиќ, Стоилов и Милиќ во составот, и без Канељас кој се повреди  во првиот дел, Вардар беше супериорен во дуелот со Горење и рутински одржуваше позитива од почеток до крај. Шпанскиот бек Хорхе Македа беше централна фигура во нападот на „црвено-црните“ со шест од шест во првото полувреме кое завршија со четири гола предност (12-16).

_JK17407_original

Во ист ритам вардарци продлжија и во второто полувреме и без премногу напор ја одржуваа позитивата. Во последната десет минути од мечот, „црвено-црните“ влегоа со водство од 18-26 и предноста ја задржаа до крај.

Хорхе Македа и Лука Циндриќ и постигнаа по седум, а Мијајло Марсениќ додаде шест гола за Вардар. Кај Горење прв најефикасен беше Матич Вердинек со четири погодоци.

Натпреварите во СЕХА лигата продолжуваат во февруари, по зимската пауза за репрезентативните настапи на ЕП 2018 во Хрватска. Следниот натпревар вардарци го играат на гости против Мешков Брест на 1 февруари наредната година.

Се вчитува...