Вардар со пресврт до триумф против ППД Загреб

Во неизвесна завршница со пресврт во последната четвртина, Вардар стигна до победа на гостувањето против ППД Загреб со 24-25 во дербито од 15.коло во регионалната СЕХА лига. За вардарци ова е 14 победа сезонава со која се зацвртсуваат уверливо на лидерската позиција со 43 бода на три кола пред крај на регуларниот дел од сезоната. Иако лошо го почнаа натпреварот, „црвено-црните“ во второто полувреме направија пресврт, а Страхиња Милиќ го одбрани последниот напад на домаќините и го потврди триумфот на вардарци.

Во првите пет минути од натпреварот вардарци останаа без погодок, а ППД Загреб отвори со почетно водство од 3-0. Тимур Дибиров од контра конечно го скрши мразот, но неефикасната и не премногу ангажирана игра на „црвено-црните“ продолжи и во наредните минути. Невообичаено за актуелниот европски и СЕХА шампион, Вардар за десет минути остана само со еден гол. Не играше ни Загреб во полна сила, но домаќините веа многу поефикасни и во константно водство во првата четвртина (7-4).  Ударите на вардарци во овој дел беа лесен плен за голманот Ариан Јовиќ. Далеку од стандардното ниво беше и стандардната 5-1 одбрана на Вардар.

Малку поангажираната игра на „црвено-црните“ во завршните десетина минути од првото полувреме, им овозможи да ја стопат негативата и со погодокот на Лука Циндриќ дојдоа на гол разлика (9-8). А, на две минути пред крај, Мијајло Марсениќ беше перецизен и го донесе  првото изеначување на 11-11. Но, вардарци тука и застанаа, а домаќините набрзина успеаја да реализираат уште два гола и на одмор заминаа со предност од 13-11.

Во второто полувреме Вардар тргна поофанзивно, врза три гола во серија и дојде до ново изедначување со погодокот на Жоан Канељас за 14-14 во 37.минута од натпреварот. Првото водство на „црвено-црните“ на овој дуел им го донесе Вуко Борозан со погодокот во 47.минута за 18-19. Вардар во наредните минути дојде во позиција и да го зголеми водството, но, Урх Кастелиц успеа да го одбрани голот на домаќините. Сепак, по неколку неуспешни обиди, на крај успеа Игор Карачиќ и го зголеми водството на вардарци на 20-22. Кастелиц го одржуваже Загреб во игра, вардарци одржуваа минумално водтсво, а домаќините бркаа резултат во завршните пет минути. Вардарци го задржаа водството до крај, а последниот напад на ППД Загреб за изедначување заврши во рацете на Страхиња Милиќ.

Следниот натпревар во регионалната СЕХА лига, Вардар ќе го одигра на 6 март, во гости против Динамо Панчево. Пред тоа, вардарци на 3 март во Скопје го играат последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите против Висла Плоцк во кој треба да го одбранат првото место во групата што им носи директен пласман во четвртфиналето на ЛШ.

Се вчитува...