Вардарецот Вуко Борозан се откажа од Црна Гора!

Бекот на Вардар, Вуко Борозан (23) се откажа од настапот за репрезентацијата на Црна Гора. Заедно со Борозан, од цврногорскиот национален дрес се откажа и 24-годишниот голман на Кристијанштад, Небојша Симиќ. Отказите на црногорските ракометари добија официјална потврда и од Ракометниот сојуз на Црна Гора.

„Играчите Вуко Борозан и Небојша Симиќ го известија селекторот, директорот на репрезентацијата и претседателот на Сојузот дека повеќе нема да настапуваат за ракометната репрезентација на Црна Гора, бидејќи имаат повеќе понуди од други национални селекции. Тоа е нивна лична одлука и Ракометниот сојуз им посакува многу здравје и успех во кариерата. Боите на Црна Гора ќе ги бранат оние на кои Црна Гора им е во срцето, а РСЦГ продолжува со започнатите проекти“ – стои во соопштението од РСЦГ.

Борозан за црногорските медиуми изјави дека одлуката за повлекување од националниот тим ја донел за да може повеќе да им се посвети на обврските во клубот.

Во последно време многу паузирав поради разни повреди, така што ми треба одмор и најмногу поради тоа сакам да направам пауза кога е репрезентацијата во прашање. Сакам да им се посветам на обврските во клубот, а што се однесува до други репрезентации, за тоа сега не сакам ни да размислувам, бидејќи секако ме очекува долга пауза. Во овој момент најважно ми е здравјето. На репрезентацијата на Црна Гора и посакувам многу среќа и успех во продолжението на квалификациите“ – изјави Борозан.

Според правилата на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ), играч за да смени национален тим треба да има три години пауза од последниот настап за претходната репрезентација и најмалку една година настап во земјата во која добива ново државјанство.

Претходно од црногорскиот дрес се откажаа и Горан Стојановиќ, Жарко Марковиќ и Јово Дамњановиќ и станаа репрезентативци на Катар, а младиот Бранко Вујовиќ ја одбра Полска.

Се вчитува...