Вардарки и без Лекиќ атакуваат на победа во Будимпешта

Со примат на единствена непоразена екипа со максимални четири победи по првите четири кола во групната фаза од Лигата на шампионите,Вардар денеска (13.30 ч.) му гостува на ФТЦ во Будимпешта. Во првото коло на домашен терен, вардарки го победија унгарскиот вицешампион со 34-31. Тоа беше прв и засега единствен пораз за ФТЦ кој во наредните три кола врза три победи по ред, една против Ларвик и две против Турингер. Унгарскиот тим има најефикасен напад во досегашниот тек од натпреварите во ЛШ со 125 гола во четири средби. Вардар има гол помалку , но и победа повеќе што им носи лидерска позиција во Групата Ц.

И Вардар и ФТЦ веќе имаат обезбеден пласман во главната фаза од ЛШ, а денешниот натпревар директно ќе решава за конечната разврска на првите две места во групата и кој колку бода ќе пренесе во следната рунда.

Вардар на денешнот  дуел ќе настапи без Андреа Лекиќ и Мирјета Бајрамовски кои поради повреди останаа во Скопје. Токму во отсуството на Лекиќ која е главен креатор и „мозокот“ во играта на Вардар, од ФТЦ ја гледаат својата шанса за позитивен резултат.

„Андреа Лекиќ е предводник на Вардар и тимски лидер и без неа тимот е многу подруг. Го видовме тоа минатата недела на деулот со Ларвик на кој Вардар извојува тешка победа. Нема дилема дека Вардар е тим од највисока класа и не е случајно што се без пораз сезонава, и сигурно не очекува тежок натпревар. Треба да ја повториме играта што ја одигравме против Ѓер и тогаш ќе имаме шанса да освоиме бодови“ – истакна тренерот на ФТЦ, Елек Габор.

Вардарки во претходното коло славеа неочекувано тешка победа против последнопласираниот Ларвик, и според Ирина Дибирова тоа треба да биде сериозно предупредување дека вардарки во денешниот меч со ФТЦ не смеат да ги повторат грешките.

Не треба да се плашиме од ништо. Игравме со нив, и знаеме дека се незгоден тим. Првиот меч во Скопје не е вистинскa слика. Тие потоа ја подобрија формата и одиграа еден одличен натпревар со Ѓер. Сигурно дека таа емоција уште ги носи. Ќе биде тешко, навивање на трибините и полна сала. Драго ми е што имаме ваков меч, тој ќе покаже каде сме со формата. Ако добро одговориме на оваа задача ќе знаеме дека сме подготвени за високи дострели“ – смета пикерот на Вардар, Драгана Цвијиќ.

ФТЦ и Вардар досега имаат одиграно три меѓусебни натпревари во Лигата на шампионите во последниве две сезони. Во два од нив, од кои едниот сезонава на почетокот на октомври, вардарки славеа победа, а еден натпревар заврши нерешено.

Се вчитува...