Вардарки против Будуќност по нов рекорд

Ракометарките на Вардар денеска (17.30 ч.) во „Јане Сандански“ го пречекуваат стариот ривал, Будуќност, во четвртото коло од главната фаза во Лигата на шампионите. Вардарки имаат серија од осум победи и „бркаат“ нов клупски рекорд, а Будуќност е секогаш посебен предизвик за „црвено-црните“ девојки.

За разлика од претходните сезони,  македонскиот првак во денешниот дуел влегува во улога на фаворит. Вардар ја игра најдобрата сезона во ЛШ и досега е единствена непоразена екипа во најелитното европско натпреварување. На три кола пред крај на главната фаза, вардарки се на лидерската позиција во групата со веќе обезбеден пласман во четвртфиналната фаза.

Во првиот меч со Будуќност во јануари, Вардар прв пат славеше во Подгорица (31-28) и тој триумф носи дополнителна самодоверба во редовите на македонскиот шампион пред новата пресметка со Црногорките.

Победата против Будуќност во Подгорица донесе еуфорија, но мора да останеме мирни затоа што знаеме со кого играме. Будуќност после поразот што го доживеа дома, ќе бидат максимално мотивирани со желба да ни се реваншираат. Но, ние сме добро подготвени и занеме како да одговориме на нивната силна бековска шутерска постава и на цврстата одбрана. Ако одиграме како што се договараме, со цврста и агресивна одбрана и со трпелив напад, сигурна сум дека победата е извесна“ – истакнува црногорската репрезентативка во редовите на Вардар, Андреа Кликовац.

Будуќност претрпе два порази на домашен терен, прво од Вардар, а потоа и од ФТЦ и падна на третата позиција во групата со пет бода помалку од македонскиот и унгарскиот тим кои се на првите две позиции. Но, во црногорскиот шампион се надеваат дека кризата е надмината и дека токму овој меч во Скопје за нив ќе биде пресвртница сезонава.

Верувам дека индивидуалните и тимските разговори, како и анализата што ја направивме ќе донесе подобро издание на нашиот тим во Скопје.Во изминативе две недели работевме најдобро од почетокот на сезоната и се надевам дека тоа ќе донесе позитивна реакција во дуелот со непобедливиот тим во Лигата на шампионите. Се фокусиравме на играта во одбраната и верувам дека тоа ќе ни донесе подобри резултати во продолжението на сезоната. Не сме задоволни од нашето издание во првите три  натпревари од главната фаза, но дуелот во Скопје може да биде пресвртница за нас“ – истакнува тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ.

Во составот на Будуќност за денешниот меч против Вардар ќе ги нема капитенот Милена Раичевиќ, пикерот Сузана Лазовиќ и голманката Дарли Зогби де Паула.

Кај Вардар пак по неколкумесечна пауза по операцијата на коленото, на голот се враќа Ина Суслина.

Се вчитува...